Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува гостување кај освојувачот на трофејот во Купот на Македонија.
Избраниците на Горан Кузманоски несреќно загубија на претходниот гостински натпревар кај Тиквеш, а сега ги чека ново тешко гостување во суперлигашкиот плеј-оф во Автокоманда.
Кружниот напаѓач Дејан Михајловиќ ги сподели очекувањата пред двобојот со тимот на Кирил Лазаров.
„Секако дека не очекува тежок натпревар. Домашната екипа има квалитетен ростер и голема ширина, но ние ќе влеземе максимално мотивирани и подготвени. Работиме напорно на тренинзите и веруваме дека ако ја одиграме нашата игра дисциплинирано и борбено, ќе имаме шанса да бидеме конкуренти и да го изненадиме противникот“, вели Михајловиќ.
Овој дуел за домашниот тим доаѓа меѓу двете европски средби.
„Можно е да ротираат со составот, но тоа не менува многу за нас. Без разлика кој ќе игра, имаат квалитетни играчи на секоја позиција. Ние гледаме на тоа како на уште една можност да покажеме колку можеме и да се бориме до последна минута“, продолжи Михајловиќ.
Младинскиот репрезентативец на Македонија вели дека атмосферата во клубот е одлична, се работи со млади и мотивирани играчи желни за напредок.
„Можеби шансите за Европа се намалени, но не и изгубена можноста има уште многу до самиот крај. Чест ми е што сум дел од екипа како што е Бутел. Атмосферата е одлична, имаме многу млади играчи кои се мотивирани и желни за напредок, а клубот дава шанса на нас, младите, да се развиваме и учиме. Мене лично ми значи што сум дел од оваа група и се трудам да придонесам колку што можам. Секој ден учам по нешто ново“, заврши Михајловиќ.
Натпреварот меѓу „сино-белите“ од Автокоманда и Бутел Скопје се игра денеска во Автокоманда со почеток во 19:00 часот.