Пелистер и Вардар без пораз на Ф4, за титулата ќе се борат и Металург и Стружанка

По одигрувањето на реваншите од четвртфиналните средби, комплетирани се патниците на завршниот турнир во Кадетската лига во женска конкуренција.

За титулата ќе се борат екипите на Вардар, Металург и Пелистер, кои со две победи ги елиминираа своите ривали, како и Стружанка, која за еден гол беше подобра во двомечот со Делчево Вардар.

Најмногу досега во оваа конкуренција прикажаа Вардар и Пелистер, кои во своите групи завршија со максимален број на победи на првите места, но не треба да се отпишуваат ниту Стружанка, ниту Металург, кои имаат добри генерации ракометарки.

Во трите од четирите четвртфиналиња немаше големи неизвесности и јасно беше уште по првите средби кои тимови ќе се пласираат на завршниот турнир. Најинтересно беше во Делчево, каде домаќинот ја победи Стружанка во првата средба со 22-20, во реваншот во Струга домаќинките славеа со 26-23 и со еден гол предност отиде на Ф4, иако водеше во текот на мечот и со 11 голови разлика.

Завршниот турнир во женска кадетска конкуренција ќе се игра на 26/27 април, а домаќинот и двојките ќе бидат дополнително познати.

Кадетки, четвртфинале:

Овче Поле СУ – Пелистер 13-33/24-27
Деспина – Вардар 23-37/16-32
Делчево Вардар – Стружанка 22-20/23-26
Чаир – Металург 21-30/22-36