По поразот од Гранољерс, се вклучи црвениот аларм во каталонскиот гигант Барселона, па веднаш е активирана потрагата по замена за Гонзало Перез Де Варгас.
Иако беше најавено дека ќе останат само со Емил Нилсен и младиот Филип Шариќ на голот, според „Мундо Депортиво“, Барса ќе го враќа од пензија Французинот Венсан Жерар, кој ја заврши кариерата лани летото.
Раководството на Барса сака да го ангажира Жерар како помош на Нилсен до крајот на сезоната, бидејќи ги чека тежок двомеч со ПИК Сегед во четвртфиналето на Лигата на шампионите, како и завршницата во Кралскиот Куп.
Барселона веќе во следното коло може да ја освои титулата во Асобал лигата, ако слави на гостувањето кај Бенидорм, бидејќи ќе има недостижна предност пред второпласираниот Гранољерс.