Со цел да нема веќе човечко влијание, и „исполнување желби“ околу тоа која судиска двојка да ја дели правдата, во иднина РФМ ќе воведе, односно ќе користи поинаков систем на делегирање на судиите. Така не би требало да има реакции на одлуките на Натпреварувачката комисија и на главните оперативци на македонскиот ракомет кога се „сечело“ и се водело сметка секому да се угоди, нормално најмногу на најблиските.
Следните 70 дена треба да се реши кој ќе биде шампион, и кои екипи ќе останат во лигата. Секој меч ќе биде дерби, и ќе се игра на топка, зошто секој гол ќе значи предност. Во ситуација која има изедначеност на екипите потребна е и поголема неутралност на „луѓето во црно“.
Како што дознава 24Ракомет веќе се врши анкета меѓу екипите во машката и женска лига и се вршат поседните консултации. Веќе од следното коло кога почнуваат натпреварите од плеј-офот и плеј-аутот ќе се применува новото правило – судиите да се жребуваат. Па кој каде се падне, таму да суди и да нема веќе диригирано делегирање.
Се разгледуваат сите детали како би требало да се врши делегирањето, кои судиите ќе бидат во ждрепката, и како ќе се врши рангирањето на мечевите според степенот на неизвесност. Македонија во моментов има шест меѓународни судиски двојки, од што пет се машки двојки и една женска судиска двојка.
Од следната седмица почнуваат мечевите за титулата, и веднаш е дерби меч во Скопје, меѓу „црвено-црните“ од Јане Сандански „сино-белите“ од Автокоманда. Во разигрувањето за титулата ќе бидат шест екипи, а колку што ќе биде интересно за борбата за титулата толку интересно ќе биде и за опстанок.
Дали ќе профункционира жребувањето на судиите, ќе се знае најверојатно до понеделник, бодејќи веќе во среда и четврток се предвидени мечевите од првото коло од плеј-офот и плеј-аутот.