Стартуваше „мисијата СП 2025“ – во Србија загревање за Хрватска

Собирот на ракометарите за подготовките за СП 2025 беше денеска рано наутро, а по него, македонската експедиција веднаш се упати за Стара Пазова, каде што ќе биде осум дена.

На 30 декември, националниот тим ги завршува тренинзите во Србија, па по празниците вториот дел од подготовките ќе се одработи во Македонија.

На 7 јануари следува пат за Хрватска, каде ќе се одигра пријателски натпревар против домаќинот на СП, и последниот дел од подготовките ќе биде одработен во Вараждин.

Македонија е во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја, а најдобрите три селекции ќе обезбедат место во главната рунда.

Селекторот Кирил Лазаров за СП 2025 ќе смета на 20 ракометари, меѓу кои не се Мартин Томовски и Филип Талески.