Стојановиќ со лекција за Зорман – Тримо го декласира Слован Љубљана!

Трката по шампионската титула во Словенија ќе биде повеќе од интересна оваа сезона, а Тримо Требње предводен од македонскиот стратег Раде Стојановиќ вечерва му одржа вистинска лекција на новиот голем проект Слован Љубљана.

Тимот на Урош Зорман си замина од Требње со огромен пораз од десет разлика, 34-24, a мечот беше решен уште по првиот дел.

Тогаш момците на Стојановиќ водеа со 22-11 и беше јасно дека амбициозниот тим од Љубљана ќе нема шанси за нешто повеќе на овој дуел.

Најдобри стрелци во победничкиот тим на Стојановиќ беа Пип со десет и Грмшек со пет гола, додека во составот на Слован по четири погодоци имаа Зобец, Вилмиќ и Пајт. За играч на мечот беше прогласен голманот Урбан Лесјак, кој забележа oсум одбрани.

Сега Тримо е трет на табелата со 20 бода, а лидерот Целје има 24, додека второпласираниот Слован има 23. Во следното коло на 11 декември, Стојановиќ и Тримо ќе се соочат со актуелниот првак Горење Велење.