Алонсо: Натпреварот против Фредериција е со голем влог – ќе решаваат детали

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе ја пречека данска Фредериција во натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите.

Новиот стратег на битолчани, Раул Алонсо, вели дека ова ќе биде натпревар со голем влог.

„Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и е компетитивен во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана“, вели Алонсо.

Тој одржа само три тренинзи пред мечот со екипата.

„Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали“, заврши Алонсо.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Фредериција се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.