По настапот во Европа и мечот со Потаиса Турда, ракометарите на Охрид накратко ќе им се вратат на домашните обврски во Супер лигата и во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе го пречекаат незгодниот состав на Пролет.
Гостите играат во стилот топло-ладно, досега на седум меча имаат забележано две победи на домашен терен, а на гости загубија три пати – кај Струга и кај фаворитите Вардар и Еурофарм Пелистер.
Пролет се нема радувано на гостински триумф во Охрид од 2021 година, а охриѓани се во серија од три победи против овој ривал.
Средниот бек Хироки Мацуока, кој игра во добра форма, очекува победа против Пролет.
„Немавме премногу време за подготовка за дуелот со Пролет, бидејќи бевме посветени на дуелот од Европскиот Куп со Турда, но очекуваме добар резултат. Имаме добра атмосфера во клубот, имаме само еден пораз и очекуваме дека ќе им се вратиме на победите во Супер лигата“, изјави Мацуока.
Натпреварот меѓу Охрид и Пролет ќе се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ со почето во 17:30 часот.