Холандија најде нов селектор

Ракометниот сојуз на Холандија во изминатиот период беше во потрага по нов селектор за женската репрезентација, а одлуката падна „лалињата“ повторно да имаат предводник од Шведска.

Нов селектор на светскиот првак од 2019 ќе биде Хенрик Сигнел., кој на селекторската функција ќе го наследи неговиот сонародник Пер Јохансон. Како што е познато, Јохансон на почетокот на месец септември спогодбено го раскина договорот со холандската куќа на ракометот.

Сигнел веќе има селекторско искуство, беше селектор на женската репрезентација на Шведска во периодот од 2016 до 2020 година, како и селектор на Јужна Кореја од 2023 до 2024 година.

Најголемиот успех со Шведска го постигна на Европското првенство во 2018 кога беше освоена 6. позиција на континенталниот собир. Во својата кариера ги има предводено Сковде и Савехоф.

Прв предизвик за Сигнел како селектор на Холандија ќе биде настапот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Холандија се наоѓа во група со репрезентациите на Германија, Исланд и Украина, а првите две од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза.