Средниот бек на репрезентацијата на Шведска, Феликс Клар, кој го носи дресот на екс освојувачот на ЛШ, Магдебург, ќе паузира подолг временски период.
27 годишниот ракометар за време на Олимписките игри заработи повреда на Ахиловата тетива, а двете страни во првиот момент решија повредата да ја лекуваат без операција.
Сепак, третманот не ги даде посакуваните резултати, па така еден месец подоцна во разговор со лекарите беше донесено да биде извршена операција.
Тоа значи дека Клар ќе отсуствува најмалку пет месеци, а неговиот камбек на терените би бил по Светското првенство 2025, односно во месец февруари.
Магдебург на позицијата среден бек го има на располагање новиот член Мануел Зендер, како и Гисли Кристијансон и Кристијан О’Саливен.