Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го очекува вториот натпревар од Лигата на шампионите, а прв на домашен терен.
Во Битола гостува составот на Фуксе Берлин, вицепрвак на Германија, кој во своите редови ги има Матијас Гидсел, Дејан Милосављев, Мијајло Марсениќ, Ласе Андерсон…
Тренерот на пелистерци, Бранко Ангеловски, смета дека најважно е екипата да биде ментално подготвена за ваков меч.
„Ни требаат 16 добри ‘војници’ за таков натпревар и таков ривал, каков што не очекува в среда. Се работи за вицепрвакот на Германија, а против нив мораме да бидеме технички и физички добро подготвени, но најважно и ментално спремни“, вели Ангеловски.
Пелистерци најверојатно нема да бидат комплетни и ќе отсуствува десниот бек Усама Хосни, како и на првиот меч.
„Тој е три недели надвор од тренинг, но се уште е далеку од натпреварот и ќе видиме дали ќе може да игра“, продолжи Ангеловски.
Тренерот очекува салата во Битола да биде полна.
„Трибините да бидат полни и сигурен сум дека со поддршка од публиката, ќе може да повториме уште еден добар натпревар каков што беше случајот во Париз, и да се надеваме на добар резултат, а тоа е за мене победа“, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Фуксе Берлин се игра утре со почеток во 20:45 часот во „Боро Чурлевски“.