Амбициозниот тим на Тиквеш од Кавадарци нема среќа со тренерите и одново ќе мора да се пушти во потрага по нов стратег пред официјалниот старт на сезоната.
Босанецот Драган Марковиќ не е повеќе шеф на стручниот штаб на кавадарчани, по дебаклот и високиот пораз со 29-20 од прволигашот Еурофарм Пелистер 2 на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп.
Оваа информација ја објави кавадаречкиот клуб, но без многу детали за прекинот на соработката со босанскиот стратег.
Иако искусниот Марковиќ, кој има искуство и од Бундес лига, требаше да донесе нов квалитет во играта на кавадаречкиот тим, сепак уште во Струга беше јасно дека не е се според очекувањата и посакувањата.
Кавадарчани ќе добијат нов тренер, четврти за две години, откако претходно на кормилото беа Никола Матлиески и Раде Стојановиќ, но ниту еден не беше цела сезона.
Промената на кормилото на кавадарчани доаѓа во незгодно време бидејќи следниот викенд стартува македонската Супер лига, а во средината на септември Тиквеш го чека и европски двобој со грчката Драма.