ПРИЛЕП 2024: Еурофарм Пелистер 2 го нокаутира Тиквеш – против Охрид ќе се бори за трофеј!

Ракометарите на Охрид и Еурофарм Пелистер 2 се пласираа во финалето на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, откако славеа против директните ривали Врање, односно Тиквеш

Охриѓани беа подобри од српскиот тим Врање со 28-22, откако и на полувремето водеа со 13-11. Предводници на нападот на „гладијаторите“ беа крилата Цирар со осум гола, како и Костов и Андоновски кои комбинираа шест гола, а Сафранко додаде уште пет.

Избраниците на Александар Зарков го надиграа Тиквеш и го победија со 30-21. Иако кавадарчани играат без капитенот Симиќ и Обина, сепак тоа воопшто не ја намалува победата на битолчани.

Уште по првиот дел кај нив се виде дека се дојдени по триумф. Голманот Јовановски имаше неколку интервенции во серија, погодуваа Белистојаноски, Митревски, Калајџиески…и во на пауза беше 16-10 за Еурофарм Пелистер 2.

Иако се очекуваше посериозен пристап од кавадарчани во вториот дел, сепак тренерот Драган Марковиќ не можеше да најде вистинската постава на теренот. Младите битолчани беа уште подобри во вториот дел, комплетно го надиграа ривалот и заслужено ќе се борат за трофеј.

Натпреварот за петтото место меѓу Прилеп и Куманово ќе се одигра утре од 11:00 часот, два часа подоцна ќе играат Врање и Тиквеш  за третото место, додека од 15:00 часот е големото финале меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер 2.

Меморијален турнир „Миле Нешкоски“, резултати:

Охрид – Врање 28-22
Тиквеш – Еурофарм Пелистер 2 21-30