Ракометарките на Ѓорче Петров ја запишаа втората победа на турнирот на кој се домаќинки и славеа против српскиот Железничар Инџија со 28-27.
За разлика од дуелот против Вардар на кој немаа никакви проблеми, „лавиците“ мораа да се помачат против српскиот тим да стигнат до победата што им гарантира прво место во групата и пласман во финалето, односно борба за трофеј.
Ивана Дежиќ одново одигра одличен натпревар, даде 12 гола од кои шест од пенал и беше предводник на Ѓорче Петров.
Во првиот дел избраничките на Симе Симовски водеа и со четири гола, но на паузата Железничар ја преполови негативата, 13-11. Во второто полувреме одново домаќинките си ја вратија предноста од плус четири, 26-22.
Но во финишот имаа пад и дозволија гостинките да се вратат во игра и да израмнат на 27-27. Сепак немаше комплетен камбек и победничкиот гол беше дело на „лавиците“, за 28-27.
Најдобри стрелци во македонскиот првак покрај Дежиќ со 12, беа и Емилијана Ризоска и Есма Муратовиќ со по пет голови, додека во српскиот состав се истакнаа Наташа Четковиќ со осум и Уна Обреновиќ со седум погодоци.
Турнир Ѓорче Куп, резултати:
Ѓорче Петров – Железничар Инџија 28-27
Бор – Напредак Крушеваец 26-27