ПРИЛЕП 2024: Андоновски се погрижи за победа над Куманово, Тиквеш тешко до триумф

Денеска се одиграа натпреварите од вториот ден на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп.

Тимот на Куманово по вчерашниот пораз од Охрид, загуби уште еднаш, овојпат од српскиот Врање со 35-25 и јасно е дека ќе разигрува за петтото место на турнирот в недела од 11:00 часот. Врање, пак, утревечер во директен дуел против Охрид ќе реши кој тим ќе ја освои првата позиција во групата и ќе игра во финалниот натпревар.

Српскиот тим беше предводен од македонскиот интернационалец Даниел Андоновски со осум гола, а некогашниот член на Бутел, Владимир Јевтиќ даде три гола. Во составот на Куманово се истакна бразилскиот десен бек Чиао Винисиус со десет гола.

Во другата група, домаќинот Прилеп го забележа вториот пораз, овојпат од Тиквеш со 28-26 и ќе игра за петтото место в недела. Кавадарчани играа без капитенот Симиќ, кој има повреда на рамото и беше дел од стручниот штаб, додека се уште не е пристигнат десниот бек Ани Обина.

Прилепчани одлично му парираа на Тиквеш во првиот дел, во повеќе наврати водеа со плус два и ја имаа контролата на теренот, но со голот на Манасков од пенал, кавадарчани заминаа на пауза со предност, 12-11.

Со слична игра продолжи и второто полувреме, избраниците на Божидар Мојсов одржуваа рамнотежа, а Тиквеш почна да се одлепува на плус два во последните десетина минути.

Прилепчани се вратија на минус еден во финишот, но немаа сили за комплетен камбек во натпреварот и момците предводени од Драган Марковиќ ја запишаа првата победа на турнирот, 28-26 и со Еурофарм Пелистер 2 ќе се борат за место во финалето.

Во тимот на Тиквеш се истакнаа Анастасовски и Манасков со по седум гола, а по пет дадоа Кофилоски и Димовски, додека кај Прилеп шест даде Квастек, а по четири пати погодија Шабановиќ и Кастратовиќ.

Меморијален турнир „Миле Нешкоски“, резултати:

Врање – Куманово 35-25
Тиквеш – Прилеп 28-26