Министерот за спорт, Борко Ристовски, на денешната прес-конференција, најави дека покрај стандардната финансиска помош за клубовите и федерациите, оние што играат во Европа ќе може да сметаат и на дополнителни средства.
За овие клубови и федерации, меѓу кои и ракометните, ќе има и дополнителни 84 милиони денари кои ќе бидат поделени по јавниот повик следната недела.
„Можеме да најавиме дека обезбедивме средства за т.н. ваучер-систем. Ние сепак одлучивме да одиме по поинаков пат, да воведеме законски измени кои значат нулта-корупција, вложување во младите. Министерството за спорт минатите два месеци работеше напорно да се обезбедат средства за спортот. Отвораме нова програма која ќе значи субвенционирање на тоа што значи врвен спорт и тоа со значителна сума. Тоа е дел од средствата кои влегуваат во буџетот од игрите на среќа. Повикот за користење на тие средства ќе биде објавен веќе наредната недела, а ќе важи за сите оние спортски федерации и клубови кои што се натпреваруваат во Европа. Тоа ќе биде еден значителен финансиски инпут и за сите федерации, но и за сите спортски клубови што се натпреваруваат во Европа, со цел да остварат уште подобар резултат и подостојно да ја претстават Македонија“, изјави Ристовски.
Јавниот повик за субвенционирање на клубовите и федерациите што ќе имаат европски настапи претстојната сезона ќе биде објавен наскоро, а тие ќе може да сметаат на дополнителни средства.
„Наш приоритет во финансирањето ќе бидат четирите федерации кои имаат најголеми успеси во минатото, а ќе носат во иднина, а направивме уште една градиција и ги поделивме спортовите на олимписки и неолимписки. Јавниот повик за екипите и федерациите со европски настапи ќе поделат 84 милиони денари веќе од понеделник или вторник. А веќе по 14 дена ќе се добива и финансиската помош од државата ќе ја добијат сите клубови и федерации. Доаѓаат подобри времиња во кои Македонија ќе се грижи за спорт“, заврши Ристовски.
Ова значи дека македонските претставници во ракометна Европа, покрај РФМ ќе добијат дополнителни средства за меѓународните настапи. На тие средства ќе може да сметаат екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид, Тиквеш и „сино-белите“ од Автокоманда, како и Ѓорче Петров, Чаир.