Селекцијата на Шпанија го освои петтиот бронзен медал, вкупно петти медал на Олимписките игри во историјата, откако славеше против Словенија во драматичен натпревар со 23-22, кој беше решен во последните минути.
Словенците први се одлепија и водеа со 6-4, но Рибера го внесе Македа, кој командуваше со одбраната, а погодуваше и во нападот и Шпанија направи пресврт со три гола во серија, 7-6.
Во продолжение се играше гол за гол, а во финишот на паузата беше 12-10 за „фуријата“. Зорман викна тајм-аут, намалија Словенците, а по грешката на Македа, казни од пенал Доленец за 12-12 на паузата.
Продолжи со слично темпо играта и во вториот дел, Ферлин и Де Варгас имаа свои моменти. По 15-13 за Шпанија, Словенија веднаш врати за реми, и оттогаш следуваа шест израмнувања на резултатот.
Доленец погоди од пенал за 21-21 на четири минути до крајот и Рибера повика тајм-аут. Сердио беше прецизен, а Мигаљон доби исклучување по стартот на Јанц. Словенците не искористија напад и Шпанија доби прилика за плус два, која ја реализира Алекс Душебаев за 23-21.
Доленец одново од пенал намали на минус еден, 23-22, а „фуријата“ заглави со последниот напад и имаше уште триесетина секунди за реми и продолженија. Последниот шут на Мачковшек беше лесен плен за Де Варгас и Шпанија ја славеше бронзата на ОИ.
Гомез имаше пет гола за Шпанија, а Де Варгас девет интервенции, додека кај Словенците најпрецизен беше Доленец со шест гола, а голманот Ферлин запиша 11 одбрани.