Македонскиот првак Еурофарм Пелистер ги стартуваше подготовките за новата натпреварувачка сезона во која ќе влезе со големи амбиции.
Kaпитенот Филип Кузмановски се радува на новиот старт и вели дека се чувствува шампионската атмосфера.
„Среќен сум што повторно стартувавме со тренинзите. Се чувствува шампионската атмосфера наоколу. Одморот заврши и сега пак сме на терен. Се радувам што пак сме заедно тука, а очекувам и новите играчи да и дадат дополнителен квалитет на нашата екипа“, вели Кузмановски.
Како и лани, така и оваа сезона, Еурофарм Пелистер ќе биде дел од Лигата на шампионите.
„Сметам дека градот, клубот и управата заслужи да играме во Лигата на шампионите. Сакам да имаме подобри резултати од ланската сезона. На домашен план сакаме да го повториме успехот, мислам дека имаме квалитет за тоа. Сепак ќе бидеме скромни и ќе одиме чекор по чекор. Сметам дека новите играчи ќе ни помогнат за кревање на квалитетот, целите се високи и сакаме нашите навивачи да гледаат една шампионска екипа, бидејќи тоа го заслужуваат“, заврши Кузмановски.
Пелистерци ќе се подготвуваат за новата сезона во Битола и на Златибор, а потоа ќе играат на турнирите во Струга и Добој.