Женската младинска репрезентација на Македонија на последниот натпревар на Светското младинско првенство во Скопје загуби од Кина со 25:23 и настапот го заврши на 16. позиција.
Македонија на младинскиот Мундијал одигра вкупно седум натпревари, забележа две победи во групната фаза, оние над САД и Ангола, потоа во главната фаза одигра реми со Португалија, а беше поразена од Исланд и во разигрувањето за пласман од 13 до 16 место доживеа пораз од Јужна Кореја, Црна Гора и Кина.
Првото полувреме мина во изедначена игра, двете репрезентации имаа свои моменти, избраничките на Дарко Јанев во еден период од натпреварот дојдоа до 6:3, овие три гола предност беа највисоката позитива на Македонија во првиот дел. Азиската земја не се предаваше и во периодот од 15 до 30 минута гледавме игра гол за гол, двете репрезентации наизменично се менуваа во водство, па така по 30 минути игра резултатот беше нерешен 11:11.
И вториот дел беше неизвесен, иако Македонија ја врати највисоката предност, поведе со 14:11 и имаше активен резултат до 43 минута, сепак, Кина од 16:16 дојде до 18:16 и даде до знаење дека ќе се бори за секоја топка. Од тој момент Кина имаше контрола на резултатот, најчесто водеше со еден до два гола разлика и на крај славеше со 25:23 освојувајќи ја 15. позиција на младинскиот Мундијал.