Светската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од последното коло од главната рунда на женскиот младински Мундијал во Скопје.
Македонските арбитри Даниело Божиновски и Виктор Начевски ја добија четвртата задача на Светското првенство.
Тие ќе го судат натпреварот меѓу Франција и Шведска, кои веќе се пласираа во четвртфиналето на Мундијалот и имаат по четири бодови.
Сепак овој меч ќе одлучи која селекција ќе заврши на првото место во групата 3 од главната рунда и ќе игра со второпласираниот состав од групата 4 во која е Македонија во четвртфиналето.
Натпреварот меѓу Франција и Шведска ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.