Алушовски: Моите играчи покажаа дека вредат, но имавме многу промашени зицери

Ракометарите на Охрид не успеаја да се пласират на Ф4 турнирот од Купот на Македонија, откако во финалето од групата 4 загубија од Еурофарм Пелистер со седум гола разлика, 32:25.

Охрид се надеваше дека ќе може да направи чекор напред кон своето ново појавување меѓу најдобрите од Купот, па дури и да се надева дека токму пред своја публика ќе го брка првиот Куп трофеј.

Сепак, подобар тим на теренот беше Еурофарм Пелистер, кој победата од седум гола разлика ја обезбеди со одличната игра во вторите 30 минути.

Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, за 24Ракомет ја коментираше загубената битка од битолчани.

,,Им честитам на ракометарите на Еурофарм Пелистер, денес тие беа подобри во секој сегмент во играта, ние одигравме многу лошо, посебно во одбраната, многу работи кои ги договоривме не ги реализиравме. Јас им честитам на моите играчи за борбеноста, покажаа дека можат, дека вредат, но меѓутоа Еурофарм Пелистер беше подобар, тој е далеку поквалитетна екипа од нас, ние се обидовме да изненадиме во Битола, тогаш можи нѐ потценија, денес не сфатија сериозно. Во вториот дел промашивме многу зицери, но денешниот резултат е реалната слика меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер”, изјави Алушовски.

Охриѓани, кои моментално се на 2. позиција во суперлигашкиот плеј-оф, ги очекува важни дуели во наредните кола.

,,Сега во продолжението од плеј-офот имаме тежок распоред, прво Вардар, па Тиквеш во Кавадарци, два важни натпревари, кои ќе го тресираат патот дали ќе имаме потежок или полесен пат за место во Европа. Секој натпревар е приказна за себе, имаме недела дена да се одмориме, да анализираме каде грешевме денес, да ги поправиме тие грешки и да се обидеме да се претставиме во добро светло”, заврши Алушовски.

Тимот на Алушовски следниот викенд игра против Вардар на домашен терен, потоа го очекува незгодното гостување кај Тиквеш, па домашен натпревар со Бутел Скопје.

Еурофарм Пелистер со две победи во еден ден до Ф4 во Купот

Ангеловски: Клучот за победата беа нашите голмани

 

Кузмановски: Шампионски постапуваме на секој меч, имаме таков квалитет и ростер