Ангеловски: Клучот за победата беа нашите голмани

Еурофарм Пелистер одигра два меча денеска во Охрид, на двата оствари победи и се пласираше на завршниот турнир во Купот на Македонија.

Битолчани го совладаа Куманово со 40-24, а потоа и домаќинот Охрид со 32-25. Тренерот Бранко Ангеловски вели дека клучната разлика ја направија голманите.

„Им честитам на моите играчи и мојата управа. Сериозно го сфативме овој натпревар и затоа сум среќен. Мислам дека голманите наши имаа своја вечер и тука беше клучната разлика. Им должиме на нашите навивачи добар натпревар, кој мислевме дека ќе го играме пред нив во Битола, но оваа група се играше во Охрид. Голманите беа на висина на задачата, во вториот дел примивме едноцифрен број голови и тоа беше клуч за победата“, изјави Ангеловски.

Битолчани ги очекува напорен период во плеј-офот.

„Најпрво да одмориме од напорниот ритам среда-сабота со Лигата на шампионите и со овие натпревари. Има време до следните натпревари, еден по еден. Јас сум таков човек и сакам да работиме ден за ден, а не долгорочно. Имаме натпревар со Струга, а потоа следат гостувањата во Скопје. Сега за сега мислиме само на Струга“, заврши Ангеловски.

Следниот викенд Еурофарм Пелистер ја пречекува Струга на домашен терен.

Кузмановски: Шампионски постапуваме на секој меч, имаме таков квалитет и ростер

Еурофарм Пелистер со две победи во еден ден до Ф4 во Купот