Дрогришки: Со полна сала и голема поддршка од „Рибарите“ можеме до триумф

Екипата на Охрид е пред нов тежок испит. Во недела во рамки на четвртото коло од плеј-офот го пречекува вицепрвакот и актуелниот лидер на табелата.

Средниот бек на охриѓани, Стефан Дрогришки, очекува борбена и пожртвувана игра, а рецептот за конечна победа над фаворитот е добрата игра во одбрана.

„Се подготвуваме максимално како и за секој претходен натпревар. Нашата цел е победа и остварување на нашите цели. Рецептот за победа сигурно ќе биде една добра и цврста одбрана, затоа што мислам дека на претходните натпревари можеби и потфрливме во тој сегмент. Треба да дадеме фокус на одбраната и дека со добра одбрана може да добиеме секого. Секако дека публиката е значаен фактор во овој спорт така да мислам дека со полна сала и голема поддршка од „Рибарите“ можеме да стигнеме до победа“, изјави Дрогришки.

Според него, како што ќе одминува сезоната, така Охрид ќе биде подобар и смета дека најдоброто од нив допрва доаѓа.

„Секогаш може подобро, но не можеме да бидеме незадоволни. Единствено можеме да бидеме незадоволни што го изгубивме тој натпревар во Битола, меѓутоа што е тука е, ќе продолжиме напред и секако на секој натпревар ќе одиме на победа. Знаеме кои се целите на клубот и наше е да се потрудиме максимално тоа да го оствариме“, истакна средниот бек на Охрид.

Натпреварот меѓу Охрид и „сино-белите“ од Автокоманда ќе се одигра во недела, 3 март, во спортската сала „Билјанини извори“ со почеток во 18:30 часот.