Трикратниот европски шампион Вајперс Кристијансад од Норвешка извесен период се соочува со големи финансиски проблеми.
Според пишувањата на норвешкиот весник „ВГ“ на Вајперс Кристијансад му се потребни 6.000.000 круни (околу 525.000 евра) за да преживее до крајот на сезоната.
Според споменатиот весник, сите вработени во клубот се согласиле да им бидат намалени платите за 20%. Раководството на актуелниот европски шампион, исто така, ќе преговара со ракометарките за намалување на платите.
За потсетување, сите ракометарки на Вајперс Кристијансад во минатиот период беа ангажирани да му помогнат на клубот да опстои, па така ги контактираа локалните компании и мали претпријатија во Кристијансад барајќи потенцијално спонзорство или симболична помош.
Вајперс Кристијансад во досегашниот тек од Лигата на шампионите на 11 натпревари забележа пет победи, пет порази и едно реми.