„Ни Франција, ни Данска – да играше Југославија ќе беше шампион на ЕП“

Селекцијата на Франција стана европски првак по триумфот над Данска во финалето со 33-31 по продолженијата.

Но некогашниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, познат како голем југоносталгичар, вели дека ако Југославија играше на ова ЕП, сигурно ќе беше европски шампион.

„Замислете сега да играше Југославија на ЕП. Знаете ли како ќе минеа Франција и Данска на ова ЕП ако играше единствена селекција на Југославија? Ме допревте за болна тема. Јас сум југоносталгичар и сите го знаат тоа. Зошто јас што сум роден во една држава, морам да го покажам пасошот кога одам во Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија…Зошто ни се случи ова, само Господ знае. Се случи и да не се повтори, но јас и понатаму како дома се чувствувам кога одам и во Сараево, Скопје, Загреб, Љубљана и ги сакам сите луѓе од овој некогаш заеднички простор“, изјави Вујовиќ за Н1.

Највисоко од екс Југославија котираше Словенија на 6 место, Хрватска заврши на 11 место, Црна Гора беше на 14 место, Македонија на 17, Србија на 19 место, додека Босна и Херцеговина заврши на последното, 24 место.