Еден од градовите што дале шампиони во Македонија во машка конкуренција, Велес, од следната сезона би требало да има силен тим во Супер лигата. Извесно е дека великанот Борец, кој сега се натпреварува во Првата лига и „живурка“, ќе се фузира со уште еден актуелен прволигаш, Бисинов, дознава 24Ракомет.
Прволигашот Бисинов веќе обезбеди место во плеј-офот за Супер лигата, а таму ќе биде еден од главните фаворити за место во елитата. Борец кој исто така е дел од Првата лига неколку години по ред реди само порази и тимовите ја поправаат гол-разликата кога играат против овој клуб.
Според нашите информации, веќе е договорено спојувањето на двата клуба. Борец ќе добие силен ростер, а Бисинов ќе ги добие реномето и традицијата, па ако работите одат според планот, велешани веќе следната сезона би можеле да ги гледаат Вардар, Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје, Тиквеш, Охрид…
Бисинов оваа сезона го врати во Велес искусниот Ивица Илиев, тука е голманот со голема километража во Супер лигата, Славјан Паунов, врати дел од велешките играчи што играа низ други клубови и под водство на легендарниот Никола Бисинов, започна да пишува убава ракометна приказна.
Доколку биде обезбедено место во Супер лигата, планот на раководството е во Велес да ги врати своите „деца“ и посакувањата се клубот полека да го враќа сјајот на клубот во еден од најракометните градови.
Борец беше шампион на Македонија во 1994/95 година, а претходната сезона го освои и трофејот во Купот. Следната сезона настапуваше и во Лигата на шампионите, кога Кире Лазаров го имаше деби настапот во елитната конкуренција. Потоа Борец имаше и подеми и падови, но воглавно беше стабилен суперлигаш.
Последен пат во елитната конкуренција, велешкиот тим играше во сезоната во 2017 година, кога дел од Борец беа Ивица Илиев, Филип Николов, Игор Павловски, Илија Крстевски, Борјан Маџовски, Кирил Колев, Миле Ордев…