СП 2023 – ГРУПА Д: Франција пред сите, Словенија, Ангола и Исланд во борба за главна рунда

Од 29 ноември до 17 декември, Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат домаќини на најдобрите 32 женски репрезентации од целиот свет. Гледачите во Хернинг, Фредерикшавн, Трондхајм, Ставангер, Гетеборг и Хелсинборг, ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометарки. 24Ракомет Ви ги претставува учесниците на претстојниот Мундијал...

На претстојното Светско првенство во Данска, Шведска и Норвешка ќе играат 32 репрезентации, поделени во осум групи од по четири, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот.

ГРУПА Д

🇫🇷 ФРАНЦИЈА 🇫🇷

Пред две години на СП 2021 во иста група беа Словенија, Франција и Ангола, а сега и на СП 2023 се случи истото, додека на местото на Црна Гора, сега е селекцијата на Исланд.

Ако нема изненадувања, Франција би требало да го освои првото место во „ДНБ Арената“ во норвешкиот град Ставангер. Но сигурно патот до првото место нема да биде како „прошетка во парк“.

Оливие Крумболц за последен пат ќе ја води Франција на СП, бидејќи се повлекува по Олимписките игри во Париз и ќе посакува да го освои седмиот медал на Мундијалите – по златото во 2003 и 2017, и по среброто во 1999, 2001, 2011 и 2021 година.

Во главната рунда доаѓа голем предизвик за Франција, бидејќи ќе треба да се соочи со еден од домаќините Норвешка. Французинките имаат позитивен биланс против сите ривали од групата Д.

Во девет меча против Ангола, имаат осум победи, од кои три по ред на СП, а единствената победа на африканскиот тим е на СП 2007 во Франција, кога го изненадија домаќинот. Против Словенките, Франција има четири победи на пет меча, а единствената победа на избраничките на Драган Аџиќ датира од СП 2017 година. Против Исланд, Франција играла само квалификациски натпревари, пет пати досега и има исто толку победи.

Крумболц има проблеми само со средниот бек Грас Заади, чиј настап на СП е под знак прашалник, а сите останати ракометарки ќе бидат подготвени за настап.

Клучни ракометарки: Клое Валентини (лево крило), Паулета Фопа (пивот), Естел Нзе Минко (среден бек)

🇸🇮 СЛОВЕНИЈА 🇸🇮

Искусните ракометарки како Ана Грос и Тјаша Станко, како и одличните перформански на другите ракометарки кои играат за Крим во Лигата на шампионите, ја прават Словенија како еден од претендентите за место во главната рунда.

Словенките немаат позитивен баланс против Ангола, бидејќи имаат само една победа на четири натпревари против африканскиот ривал. Таа победа датира од СП 2017 година, а потоа имаат три порази.

Ова ќе биде третпат по ред овие две селекции да играат меѓусебе на Светско првенство, откако на минатиот Мундијал во Шпанија, мечот заврши нерешено 25-25, а тоа и одговараше на Словенија која се пласира во главната рунда.

Клучни ракометарки: Ана Грос (десен бек), Тјаша Станко (среден бек), Тамара Мавсар (лево крило), Алја Варагиќ (десен бек)

🇦🇴 АНГОЛА 🇦🇴

Aнгола има една победа над Исланд во историјата, со 28-24, во прелиминарната рунда на СП во Бразил, кога европската селекција го имаше своето деби на Мундијалите.

Африканската репрезентацција доаѓа мотивирана на Светското првенство, откако обезбеди пласман на Олимписките игри по трите победи над Конго, Сенегал и Камерун и ќе сака успех и на Мундијалот, каде ќе го има 17. настап по ред.

Клучни ракометарки: Карлос Азенаиде (десен бек), Албертин Касома (пивот), Изабел Гуиало (среден бек)

🇮🇸 ИСЛАНД 🇮🇸

Исланд е аутсајдер во оваа група, поради малото искуство, но сигурно дека може да им предизвика проблеми на Словенија и на Ангола, па да се вмеша во битката за главната рунда. Тие имаат негативен биланс со сите ривали.

Словенија славеше над Исланд со 45-35 во баражот за СП 2021, но Исланд успеа да извлече реми 21-21 на домашен терен, а претходно има уште реми, 30-30, во квалификации за ЕП против истиот ривал.

Клучни ракометарки: Сандра Ерлингсдотир (среден бек), Андреа Јакобсен (лев бек), Теа Имани Стурлудотир (десен бек)