Полицијата во босанскиот град Приједор покрена истрага против четворица играчи на Ракометниот клуб „Козара“ од Козарска Дубица поради сомнение дека физички и психички малтретирале помлади играчи, претежно малолетни, кои биле изложени на насилство во соблекувалната.
Босанските медиуми наведуваат дека младите играчи со месеци трпеле физички и психичко насилство од страна на М.Б., Б.Ш., М.М. и А.П. Наводно, малтретирањето било утврдено според тоа како играле играчите. Четворицата ракометари воделе статистика за бројот на грешки кои ги правеле младите играчи на теренот, па така поголемиот број на грешки би значело и построга казна.
Од Ракометниот клуб „Козара“ најпрво ги суспендираа четворицата играчи, па потоа клубот се повлече од натпреварувањето од прволигашката конкуренција во Република Српска.
За потсетување, овој клуб требаше да игра во босанската елита и да се натпреварува против најдобрите клубови, но од финансиски аспект го откажа учеството.
Саша Стојчиќ, член на Управниот одбор на „Козара“ истакна дека сите во клубот биле шокирани кога дознале за овој случај.
,,Малтретирањето траело од месец август кога тимот се собра на подготовки. Децата не ни кажаа ништо, тренерот не забележа ништо. Кога ги прашавме играчите зошто не пријавиле ништо, тие помислиле дека сето тоа ќе помине. По пријавата, четворицата ракометари беа приведени, а децата дадоа изјава во полиција во присуство на нивните родители. Има и видео снимки од малтретирање, тие снимки ги поседува и полицијата“, изјави Стојчиќ за ,,ATV”.
Младите ракометари биле тепани и со мокри пешкири во клупската соблекувална. Четворицата насилници се суспендирани до завршување на истрагата. Клубот од Козарска Дубоица во понатамошниот тек од сезона 2023/24 ќе продолжи да се натпреварува само во младинските категории.