Легендарниот полски репрезентативец Михал Јурецки, кој во средината на месец октомври објави дека ја завршува спортската кариера, останува во ракометот, но во сосема поинаква улога.
Екс репрезентативецот на Полска е новиот спортски директор на европскиот вицепрвак Келце, клуб во кој Јурецки го помина најголемиот дел од својата кариера.
,,Мојата кариера отсекогаш била многу брза, па и сега не е поинаку. Само што ја завршив кариерата и веќе почнувам нова работа, и тоа во ракометот. Овде не дојдов да пијам кафе, знам дека ми претстои многу работа”, изјави новиот директор на Келце.
Јурецки е дел од историјата на полскиот машки ракомет, како еден од најдобрите ракометари. Тој дебитираше во 2005 година за националниот тим, каде беше меѓу лидерите.
Со Полска освои сребро на СП во 2007 година и две бронзи на СП 2009 и СП 2015 година, а играше и во полуфинале на ОИ во 2016 година.
За полската репрезентација на Полска одигра досега 198 натпревари и постигна 547 погодоци.