Магдебург ја брани титулата во ЛШ – покрај пелистерци, Македонија со уште еден претставник

Денес со два натпревари од 18:45 часот стартува новата сезона во Лигата на шампионите во машка конкуренција. Бранител на титулата во најсилното европско натпреварување е екипата на Магдебург.

Дебитант во новата сезона е денешниот ривал на пелистерци, тимот на Колстад. Норвешкиот шампион местото во елитата го доби преку вајлд-карта и дебитанската сезона во елитата ќе ја стартува токму од Битола.

Повратник во Лигата на шампионите е Еурофарм Пелистер, битолчани последен пат играа во елитата во сезона 2019/20, кога сѐ уште се играше по стариот систем.

Останатие 14 екипи учествуваа во минатата сезона, во која место на Ф4 турнирот освен Магдебург, обезбедија уште Барселона, Келце и ПСЖ.

Едно од изненадувањата во ланската сезона беше данскиот шампион ГОГ. Тимот од Гудме стигне до четвртфиналето, откако во осминафиналето го елиминираше големиот домашен ривал Алборг.

Во четвртфиналето пласман обезбеди и Висла Плоцк, која во осминафиналето го елиминираше Нант, но полскиот вицепрвак на патот кон Ф4 немаше многу среќа и налета на Магдебург.

Претставник од Македонија во Лигата на шампионите ќе биде и репрезентативниот голман Никола Митревски. Битолчанецот со тимот на Порто ќе играат во групата Б и во првото коло силите ќе ги одмерат со Висла Плоцк.

Лига на шампиони, 1. коло, распоред:

Група А
13.09.2023
Еурофарм Пелистер – Колстад 18:45ч
Келце – Алборг 18:45ч
14.09.2023
Загреб – Кил 18:45ч
ПИК Сегед – ПСЖ 18:45ч

Група Б
13.09.2023
ГОГ – Целје 20:45ч
Монпелје – Барса 20:45ч
14.09.2023
Порто – Висла Плоцк 20:45ч
Магдебург – Веспрем 20:45ч