ОХРИД 2023: Голден Арт со пресврт до седмо место на турнирот „Крсте Андоновски“

Ракометарите на Голден Арт го освоија седмото место на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ откако славеа против Бутел Скопје со 21-18. Иако во текот на мечот имаа негатива од четири гола, сепак момците на Голден Арт успеаја да направат комплетен пресврт во вториот дел и да стигнат до победа.

На стартот се играше гол за гол, до 3-3, пред бутелци редводени од голманот Стојаноски, да се одлепат на предност од три гола, 6-3. Нападот на Голден Арт немаше многу идеја, па по 20 минути игра, Бутел дојде и до плус четири, 8-4.

Бутел Скопје имаше прилика и за плус пет, но не беше искористена. Сепак Стојаноски продолжи со одбраните на ударите на ракометарите од Голден Арт и бутелци до крајот на полувремето ја задржаа предноста, 13-9.

На стартот на второто полувреме се играше гол за гол, пред Гошевски да намали на минус три, 16-13. Голден Арт играше добра одбрана во продолжение, запреа три напади на Бутел и на десетина минути до крајот се врати неизвесноста, 16-15.

Бутел – Голден Арт

Се намалуваа решенијата во нападот на Бутел, Голден Арт тоа го искористи и со двата гола на Гошевски успеа да направи комплетен пресврт, 18-17. Продолжија грешките на бутелци, па казната стигна.

Избраниците на Владо Глигоров стигнаа до плус два, 20-18, со голот од цепелин на Милошески, кога имаше да се игра уште три минути. Бардакоски одбрани зицер во последната минута и веќе немаше време за нешто повеќе за Бутел.

Гошевски стави точка со голот за 21-18, па Голден Арт го освои седмото место на второто издание на меморијалтниот турнир „Крсте Андоновски“.

.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.