Екипата на Вецлар, во која помошен тренер е екс репрезентативецот на Македонија, Филип Миркуловски, а играч актуелниот репрезентативец Филип Кузмановски, имаше одличен тест дуел против францускиот ПСЖ.
Бундеслигашот во пријателскиот дуел со „светците“ доживеа минимален пораз од еден гол разлика, 30:29. Избраниците на Раул Гонзалес на полувреме имаа активен резултат од 16:14.
Битолчанецот Кузмановски, кој на претходните „контролки“ имаше одлични партии, успеа во мрежата на ПСЖ да постигне два погодока, додека неговиот колега Немања Зеленовиќ ја предводеше листата на стрелци кај поразените со пет погодоци.
Во таборот на ПСЖ незапирлив беше репрезентативецот на Полска, Камил Шипжак. Искусниот кружен напаѓач постигна девет погодоци во мрежата на Вецлар и беше најзаслужен за добиената битка по големата борба.
Вецлар претходно тестираше со Морс, Хутенберг, Бергишер и Рајн Некар. Тимот во однос на минатата сезона направи неколку промени, па пријателските дуели послужија и за воигрување на екипата, односно адаптација на новите играчи.
Во првото коло од Бундес лигата, Вецлар на домашен терен го пречекува европскиот првак Магдебург на 25 август. Тимот на Миркуловски и Кузмановски во второто коло оди на мегдан со Кил, во третото ќе игра против Лемго., потоа следуваат пресметките со Лајпциг, Гепинген, Хамбург, Хановер, Бергишер, Балинген, Ерланген…