Се смируваат страстите во Колстад: Намалувањето на платите ќе го компензираме со премии

Еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, норвешкиот Колстад, денеска одржа прес-конференција.

Генералниот менаџер на клубот, Јостеин Сивертсен, откри за резултатите од преговорите со ракометарите и стручниот штаб за намалување на примањата.

Поради финансиските проблеми, Колстад нема да биде во можност да исплаќа според договореното, па најавени беа намалувања од 30%.

„Се уште трае процесот на намалувања на платите, за буџетот на клубот да остане ликвиден. Но сепак тоа ќе го компензираме во текот на сезоната од премиите што ќе ги добиваме. Нема да коментираме колку е тоа во евра, но станува збор за значителен износ на намалување на плати, на кој се согласија ракометарите и стручниот штаб и јас сум им благодарен за тоа“, изјави Сивертсен.

Единствен што не прифати намалување на платата беше исландскиот плејмејкер Јанус Дади Смарасон и тој се пресели во бундеслигашот Магдебург.