Вардар во среда ќе ги промовира засилувањата и ќе ги открие идните планови

Тимот на Вардар во среда ќе го означи стартот на подготовките за претстојната сезона, а претходно ќе биде одржана прес-конференција на која ќе бидат промовирани сите засилувања, ќе бидат откриени идните планови на клубот и промените во раководниот и спортски дел.

Третопласираниот тим од минатата сезона во Суперлигата покрај домашните предизвици, ќе има и меѓународен и ќе игра во квалификациите за Лигата на Европа, а утре ќе го дознае ривалот.

Тренерот Владо Недановски ќе има комплетно реновиран тим за новата сезона. Заминаа Куни Моралес, Јан Чувара, Филип Талески, капитенот Стојанче Стоилов најави пензија, а во среда ќе дознаеме и за статусот на Дејан Манасков, Борко Ристовски, Велко Маркоски, Леонардо Дутра, Марко Добрковиќ…

Нови засилувања за „црвено-црните“ се крилото Марко Срдановиќ, бековите Нилтон Мело, Стефан Петриќ, Ансер Родригез, Косуке Јашухира, Матија Николиќ…

Вардарци целите подготовки ќе ги минат во Македонија и ќе бидат дел од Струшкиот турнир, каде допрва треба да ги дознаат ривалите. Таму ќе одиграат четири натпревари кои ќе бидат главна подготовка за двобојот во Лигата на Европа.

По двата квалификациски меча од Лигата на Европа, следува Супер Куп дуелот со Еурофарм Пелистер, па стартот на сезоната во суперлигашкото друштво.