Магдебург е кралот на ракометна Европа: Шок, па драма за победничко славје во Лигата на шампиони

Магдебург се највисоко на тронот на Лигата на шампионите, откако во финалниот дуел на завршниот турнир во Келн го совладаа Келце со 30-29(26-26, 13-15) во продолженија. По два драматични и неизвесни дуели во Келн, Магдебург го крена победничкиот пехар.

Во одличната атмосфера на Ланксес Арената, Магдебург ја имаше поддршката од трибините, а тоа го искористи за одлично отворање на натпреварот. По првите пет минути германските вицепрваци имаа предност од 4-1. Наи, Душебаев и Карачиќ го водеа нападот на полскиот шампион. Разликата се намали на минимален гол негатива, а во 12 минута Келце преку крилната позиција со прецизен удар на Наи го израмни резултатот на 6-6.

Резултатската неизвесност траеше до самиот финиш на првиот дел. Во последните седум минути Келце беше тимот кој го презема водството и поведе со два погодока (9-11), разлика која ја одржуваа до самиот крај на првите триесет минути. Бергендал на секунди пред паузата ја намали негативата на Магдебург на само еден гол, но Морито со звукот на сирената ги постави конечните 13-15.

Тренерот на Магдебург умешно ја измами јавноста и противникот со сериозноста на повредата на еден од клучните ракометари Гисли Кристијансон, кој го чуваше како џокер за финалето за германскиот вицепрвак иако од полуфиналето замина на носилки. Талант Душебаев пак, не дозволи неговите ракометари да го гледаат полуфиналето меѓу Магдебург и Барса.

ФОТО:Kolektiff images

Како што најави Игор Карачиќ по полуфиналето, Келце од паузата се врати комплетно фокусиран на победата. Одличниот голман Вулф и целиот тим функционираа во еден ритам. Затоа Келце на воведот на вториот дел дојде до предност од „плус четири“, 14-18. Кога веќе ја создадоа предноста, ракометарите на полскиот шампион знаеја како да ја задржат. На спротивната страна во играта на Магдебруг можеше да се забележи желбата и значењето на овој дуел. Чекаа минимална грешка, промашување или одбрана од својот голман за да се вратат во игра на овој дуел.

Во средина на вториот дел германските претставници успеаа неколкупати да намалат на „минус два“, но тоа беше магичниот праг кој не го поминаа до прекинот во 48 минута.  Прво Дамгард го доведе Магдебург на само гол негатива, потоа Муше го израмни резултатот на 22-22. Натпреварот продолжи со изедначена игра, во кој двете екипи постигнуваа наизменично голови. По една грешка на Келце, Магдебург украде топка и преку О’Саливен за прв пат во вториот дел дојде до предност.

Но неизвесноста продолжи до самиот крај, бидејќи Келце бргу возврати. Даниел Душебаев искористи одлична одбрана на голманот Вулф и повторно од брза контра го врати полскиот првак во предност на минута пред крај. Драматичната завршница продолжи до последната секунда, бидејќи Дамгард на триесет секунди го израмни резултатот на 26-26. Натпреварот по регуларниот дел заврши нерешено, бидејќи Келце во последниот напад по два обиди не успеа да го совлада Портнер.

Портнер блесна со одлични интервенции и на почетокот на продолженијата, а тоа го награди Кристијансон за водство на германскиот клуб од 27-26. Двете екипи до крајот на првите пет минути постигнаа уште по еден гол, а Каи Смитс од пенал со звукот на сирената им донесе минимална предност за германските ракометари од 28-27 по првите пет минути.

Дамгард ги отвори вторите пет минути со гол за Магдебург и нова предност од „плус два“ за неговиот тим, 29-27. Разликата остана непроменета до последната минута, кога Торна го врати Келце на гол негатива, а непрецизниот удар на Дамгард им даде надеж и дваесет секунди за Келце да го израмни резултатот. Каралек го зададе последниот удар, Портнер одбрани, а судиите по прегледување на ВАР одлучија да не досудат седум метри, туку само фаул. Даниел Душебаев не можеше против високиот ѕид на Магдебург за конечно славје на Германците од 30-29.