Екипите на Јуниор КВ и Вардар Неготино одиграа драматичен натпревар кој го доби домашната екипа со 30-29, со погодок на Иван Андревски во последната секунда.
Иако тимот на Горан Печенковски губеше со 23-29 на десет минути до крајот, сепак со одлична одбрана успеа да ја анулира негативата и го искористи последниот напад за уште повеќе да се замрси битката за опстанок.
Сега Јуниор КВ има 18 бода на шестото место кое носи бараж за опстанок, додека Вардар Неготино е седми со 16 бодови, па ќе биде интересно во последното коло.
Неготинци водеа до последната минута, имаа во текот на мечот и предност од седум погодоци, но ниту тоа не им беше доволно да се радуваат барем на бод на ова гостување во Скопје.
Гостите имаа четири гола разлика на паузата, 17-13, Јуниор КВ се доближи на минус два, 23-21, но потоа Вардар Неготино одново се одлепи на висока разлика и имаше плус шест, 29-23 во 50. минута. Но тогаш момците на Петар Ангелов како да застанаа и му дозволија на домаќинот да направи огромен пресврт.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Петровски и Ристовски со по осум голови, додека Андревски даде шест. Кај Вардар Неготино се истакна Адамовиќ со 11 погодоци.