Од самите почетоци на македонското национално првенство Пелистер важи за ракометна лулка, тим кој на ракометната карта внесе големи имиња и ја претставуваше Македонија во Европа. Финансиските проблеми го маргинализираа поранешниот ракометен џин, но сега со помош на спонзорот Еурофарм повторно се искачуваат на ракометната мапа.
На Ф4 турнирот во Охрид, Еурофарм Пелистер ќе има можност да ја повтори 2005 година, кога последен пат освои куп титула заедно со онаа од националното првенство. Оттогаш поминаа 18 години, а победата над Вардар пред неполна седмица, само ги охрабрува битолчани и им ја дава потребната самодоверба пред полуфиналната битка во Купот против Пролет.
Очекувам пласман во финалето на Ф4, Пролет е квалитетна екипа, но наш императив е победа. Со голем респект влегуваме во полуфиналниот натпревар, Пролет е најстариот ракометен клуб во Македонија, играа добро на почетокот на сезоната, иако сега не се на нивото како кога во Пролет играа Јагуриновски, Аларов и Џонов.-вели Александар Јовиќ, тренерот на Еурофарм Пелистер.
Почетокот на сезоната не навестуваше позитивен крај за Еурофарм Пелистер. Слабите игри во Лига Европа го натераа раководството на клубот за промена на скандинавскиот концепт и смена на тренерската позиција. Предводени од тренерскиот тандем Александар Јовиќ/Звонко Шундовски пелистерци сега се на чекор до двојната круна. Атмосферата меѓу битолчани повторно е на високо ниво, навивачите се задоволни од резултатите, но и од промените кои македонскиот тренерски двоец ги внесе во екипата.
Голема благодарност до управата на клубот што ми даде доверба, голема работа е што успеавме да го ангажираме и Звонко Шундовски како дел од нашето семејство. Секоја промена во еден клуб било на подобро или полошо иницијално дава позитивни резултати. Ние сме на добар пат, направивме добри чекори, ако ги исполниме нашите цели значи промената била на подобро.-истакнува Јовиќ.
Мечот од полуфиналето на Купот на Македонија меѓу Пролет и Еурофарм Пелистер се игра денеска од 17,30 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Еурофарм Пелистер е фаворит на овој дуел и сè освен победа би значело сензација. Победникот од овој дуел ќе игра со победникот од средбата Вардар и Алкалоид.
Екипата на Еурофарм Пелистер има квалитетен состав. На хартија според играчкиот кадар и покриеноста на секоја позиција сме фаворити, во добра позиција сме за освојување на првенството и Купот, но тоа треба да го покажеме на терен.-потенцира тренерот на Еурофарм Пелистер.
После 18 години, „зелено-белите“ ќе се обидат да дојдат до шестиот трофеј во Купот на Македонија. Сега кога битолчани речиси ја обезбедија титулата во домашното првенство, предност или дополнителен притисок би значело освојување на Куп трофејот.
Притисокот го пребродивме по дуелот со Вардар. На сите наредни натпревари како во Купот така и во домашното првенство, самодовербата на екипата ќе расте. Сите ракометари почуствуваа дека вредат како играчи и како тим сме најквалитетна екипа во нашето првенство. – завршува Јовиќ.