Екипата на Алборг уште еднаш ги разочара своите фанови, откако во натпревар од 3. коло од плеј-оф фазата во данскиот шампионат беше поразен на гостувањето кај Скјерн.
Ракометарите на Скјерн кои регуларниот дел од сезоната го завршија на 4. позиција, против скапиот проект на Алборг триумфираа со 33:30, со што се позиционираа на првата позиција во групата А.
Алборг во претходното коло го совлада Колдинг со 33:28, додека на почетокот од плеј-офот ремизираше против Есбјерг, 33:33.
Избраниците на Стефан Мадсен на 5 мај го играат реванш дуелот против Колдинг, потоа еден ден подоцна, односно на 6 мај против Есбјерг и на 14 мај ќе се соочат со тимот на Скјерн.
Сега Алборг е во незавидна позиција, бидејќи има пет бодови, три има Есбјерг, еден бод Колдинг, а лидерот Скјерн има шест. Двете најдобри екипи од првата и втората група ќе продолжат во разигрувањето за титулата.
Актуелен бранител на титулата е екипата на ГОГ, која со седум бодови се наоѓа на лидерското место во втората група.
За потсетување, токму ГОГ го елиминираше Алборг во четвртфиалето од Лигата на шампионите.