Ракометарите на Аеродром по убедливиот триумф над Македонија ЃП од 44:26 ја продолжуваат битката за директен пласман во Супер лигата.
Аеродром во денешниот дуел со тимот на Македонија ЃП, која во некоку натпревари покажа дека е незгоден ривал, немаше поголеми проблеми да дојде до новите три бода.
Избраниците на Дарко Петровски победата ја остварија уште во првото полувреме. Гостите од Ѓорче Петров парираа само на почетокот на средбата, издржаа до 3:3 и во останатиот дел домаќините имаа целосна контрола. 22:11 по 30 минути игра, доволно говори за односот на силите на теренот.
Македонија ЃП се обиде да се консолидира во продолжението и да ги сведи грешките на минимум, но објективно поквалитетниот состав на Аеродром не се опушти ни за момент и до крај продолжи со својата доминација.
Најефикасен на натпреварот беше поранешниот кадетски репрезентативец Наум Костов, кој со 11 погодоци беше предводник на победничката екипа. Двајцата голмани на Аеродром, Марко Богдановски и Никола Кизиќ бранеа по едно полувреме и дуелот го завршија со осум, односно девет интервенции.
Кај Македонија ЃП најефикасни беа Мартин Димовски со седум и Максимилијан Ѓиноски со четири погодоци.
Тимот на Аеродром сега има 28 бодови на табелата во прволигашкиот плеј-оф, исто толку бодови има и Драчево, додека актуелниот лидер Мулти Есенс е недостижен со 36.
Во текот на денешниот ден дерби дуел ќе имаат екипите на Драчево и Мулти Есенс.