Лазаров прозиваше, „странците“ Кузмановски и Митревски доаѓаат последни

Машката сениорска репрезентација денеска го имаше собирот пред последните два натпревари од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година, кое ќе се одржи во Германија.

Ривали на Македонија на последните два натпревари ќе бидат репрезентациите на Турција и Луксембург. Избраниците на Лазаров токму против двете репрезентации остварија убедливи победи на првите одиграни натпревари.

На денешниот собир поради клупски обврски ги немаше голманот Никола Митревски и левиот бек Филип Кузмановски. Кружниот напаѓач на Алкалоид, Костадин Петров, поради повреда, која ја заработи на дуелот со Охрид, нема да може да помогне во дуелите со Турција и Луксембург, а поради повреда отпадна и уште еден пивот Марко Стојковиќ

Во споредба со претходниот скратен список за двомечот со Португалија ги нема повредените Мартин Велковски и Иван Џонов, како и десното крило на Вардар, Ален Ќосевски и средниот бек од Еурофарм Пелистер, Марио Танкоски. Старо-нови имиња во националниот тим, односно на списокот се Филип Талески и двајцата членови на Вардар, Гоце Георгиевски и Михаел Аларов.

За потсетување, искусниот Гоце Георгиевски на 30 април ќе стави крај на својата репрезентативна кариера. Македонија е практично пласирана на Европското првенство во Германија, но со уште две победи ќе го потврди второто место во групата.

Нашата репрезентација гостува кај Луксембург на 26 април од 20:15 часот, додека последниот меч е на 30 април во СЦ „Борис Трајковски“ од 18:00 часот против Турција.