Долгоочекуваното дерби од 5. коло во машката Суперлига очекувано донесе многу возбудувања и израмнет натпревар на теренот, но и немири на трибините и прекин од половина час во спортскиот центар „Јане Сандански“. Во првиот од двата дуели кои директно ќе одлучуваат за титулата Вардар го победи Еурофарм Пелистер со 31-24(13-10). Доколку нема изненадувања до крајот на суперлигашкиот плејоф меѓусебната гол разлика треба да го одлучува новиот шампион на Македонија.
Првиот дел од натпреварот помина во изедначена игра. Воведната иницијатива и минимална предност ја имаше Еурофарм Пелистер се до 13. минута кога Манасков го врати Вардар во минимално водство по воведните 1-0. Секоја грешка и одбранет удар значеше многу на семафорот. Во средина на првото полувреме Ојлески повторно го доведе Еурофарм Пелистер во предност од еден гол, а по израмнувачкиот гол на Талески, во моментите кога навивачката група „Чкембари“ влезе на трибините настана општ хаос. Највоинствените навивачи од Битола започнаа да ја рушат заштитната ограда се фрлаа предмети и пиротехника кон поблиската трибина каде седеа навивачи на Вардар, а тоа испровоцира поголем конфликт. Дел од навивачите членови на навивачката група „Комити“ влетаа во теренот во обид да се пресметаат со нивните ривали, што предизвика дополнителни мерки за безбедност. Ракометарите се повлекоа во своите соблекувални, а откако повторно се обезбедија услови за игра, натпреварот продолжи.
По прекинот Кишум ја врати предноста кај Еурофарм Пелистер, а израмнетата игра беше увертира за возбудлива завршница. Во самиот финиш на првиот дел, Жарко Пешевски постигна гол за израмнување на 10-10, а оттогаш до крајот одбраните на Томовски и една на Ристовски од пенал му овозможија на Вардар предност на полувреме од 13-10.
Веднаш по паузата Томовски продолжи со добрите одбрани, а Вардар ја зголеми разликата на пет голови. Танкоски за момент го запре налетот на Вардар, кој продолжи со нова серија од 3-0 за 18-11 по шест минути игра во вториот дел. Еурофарм Пелистер низ средина на вториот дел успеа да намали дел од негативата. Во 40 минута наместо Лесјак на голот на битолчани застана Кизиќ, кој имаше неколку успешни интервенции, а Еурофарм Пелистер во 44 минута негатива од четири голови (22-18). Но Вардарци имаа свој одговор преку двата гола на Георгиевски за 24-18.
Со шест голови предност Вардар влезе во последните десет минути од натпреварот. Разликата се одржуваше до самиот финиш. „Црвено-црните“ со голот на Талески во 57 минута имаа и седум голови предност 31-24, а Лесјак не дозволи плус осум откако го запре цепелинот на Вардар кој го завршуваше Манасков. Во последниот напад Еурофарм Пелистер преку Кишум се обиде да поентира и намали гол од високата негатива, но Томовски беше на висина на задачата па натпреварот заврши со конечни 31-24. Вардар има предност од седум голови по првиот дуел на претендентите за освојување на титулата во македонскиот шампионат.
Најпрецизен на дуелот беше Дејан Манасков со 7 голови, Талески го следеше со 6, а Дутра 5 голови. Кај Еурофарм Пелистер Пешевски постигна 5 голови, Каспер Кишум 4 исто како и Суси кој најчесто беше прецизен од линијата за седум метри.