Ракометарките на Спартак, кои во досега одиграните 14 меча од Женската лига немаат ниедна победа, направија голема сензација во осминафиналето од Купот на Македонија. Избраничките на Велимир Мицевски и Даниела Јошева го совладаа составот на Скопје со 27-25 во интересен натпревар со два црвени картони и дури 16 исклучувања.
Во првите дваесетина минути се играше израмнет натпревар до 8-8. Потоа Спартак поведе со 11-8, но и Скопје возврати со идентична серија за одново да биде нерешено, 11-11.
Скопје во продолжение остана без голманот Ели Бочваровска која доби директен црвен картон поради фаул надвор од нејзиниот простор, па Спартак на пауза замина со плус два 14-12.
На стартот на вториот дел се играше гол за гол до 15-15, но тогаш Павлова од Скопје заработи две исклучувања набрзина и црвен картон потоа, па Спартак предводен од Ѓошевска се одлепи на плус три, 18-15.
Девојките на Вале Радуловиќ и Андријана Будимир не се откажуваа, бркаа негатива и во неколку наврати се доближија до минус еден, 22-23, а потоа и 23-24. Сепак немаа сили за комплетен камбек и во финишот Спартак ја одржа предноста за пласман во финалето на групата каде ќе игра со победникот од дуелот меѓу Ѓорче Петров и Чаир за место на Ф4.
Најдобри стрелци кај победникот беа Ѓошевска со 11 и Андовска со седум гола, додека кај Скопје се истакна Радевска со седум погодоци.
Куп на Македонија, жени, осминафинале:
Група 1
Скопје – Спартак 25-27
18/3, 19:30, Ѓорче Петров – Чаир
19/3, 17:00, финале, Спартак – Ѓоррче Петров/Чаир
Група 2
Вардар – Шампион 32-18
Деспина – Кузман Вардар 35:16
19/3, финале, Вардар – Деспина
Група 3
Стружанка – Астибо 27-19
18/3, 19:00, Овче Поле СУ – Металург
19/3, финале, Стружанка – Овче Поле СУ/Металург
Група 4
Пелистер – Гевгелија 26:17
19/3, 17:00, финале, Пелистер – Куманово