Еурофарм Пелистер ја заврши групната фаза во дивизијата „Југ“ на регионалната СЕХА лига и сега ќе го очекува ривалот во четвтфиналниот двомеч. По триумфот над Нексе, македонскиот претставник заврши на второто место во групната фаза и тоа значи дека го избегнува Загреб во четвртфиналето, а го прати тимот од Нашице на хрватски двобој.
Во групата Б се Вардар, Партизан и Татран Прешов, но допрва треба да се реши пласманот во таа група. „Црвено-црните“ ги одиграа сите дуели од групата, имаа гол разлика 0 (105:105), но останува на 21 и 27 март да одиграат меѓусебе српскиот и словачкиот тим.
Вардар е прв засега, но тешко дека ќе остане таму. Појасни комбинации ќе може да се направат по одигрувањето на првата средба меѓу Партизан и Татран Прешов, но ако се оди според актуелната форма и предвидувањата, српскиот тим би требало да заврши прв во групата, што значи дека ќе биде ривал на Еурофарм Пелистер во четвртфиналето.
Во тој случај, Вардар би завршил на второто место и би играл со победникот од групата А, а тоа е српскиот шампион Војводина. Македонскиот првак може да остане на првото место, ако резултатите од двомечот меѓу Партизан и Татран се поклопат (на пример двете средби завршат нерешено), но тоа е малку веројатно и значи дека нема да гледаме македонско четвртфинале во СЕХА.