После стартната победа и добриот почеток на плеј-офот од Супер лигата, екипата на Охрид нанижа два порази, па во четвртото коло пред домашната публика, против тимот на Алкалоид, ќе бара рехабилитација и враќање на победничките патеки.
Тимот предводен од македонскиот селектор, Кире Лазаров, во претходните два одиграни дуели помеѓу овие два тима успеваше да излезе како победеник, после една тешка битка во текот на сите 60 минути. Оттука охриѓани овој пат сигурно ќе бараат одмазда и реванш за двата минимални порази.
Од екипата на Охрид најавуваат голема борба во текот на целиот натпревар. Наум Бабачев, помошниот тренер на екипата, се надева дека со поддршка на верната публика бодовите да останат во Охрид. Тој вели дека клучна ќе биде добрата игра во одбраната.
„Екипата на Алкалоид е многу млада и полетна екипа, многу амбициозна која што сака да котира што погоре на табелата. Од наша страна, и од играчите и како стручен штаб, фокусот го ставаме на мотивација бидејќи знам дека имаме квалитет. Единствен проблем може да ни претставуваат повредите на наши важни играчи, но се надевам дека тоа нема да се рефлектира на играта и резултатот. Ги повикувам сите охриѓани, навивачката група Рибари да дојдат во што поголем број, да ни ја дадат поддршката и да славиме сите заедно“, изјави Бабачев.
Охриѓани во натпреварот ќе влезат ослабени бидејќи поради повреда нема да настапат Даниел Андоновски и Абдерахим Боудрали, но во тимот се очекува да биде новото засилување Јакша Вјештица кој дојде од екипата на Радовиш и треба да биде од голема помош во ротацијата.
Натпреварот меѓу Охрид и Алкалоид ќе се одигра на 3 март, со почеток од 20:00 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“.