По двата триумфи на почетокот на плеј-офот, во третото коло Вардар во петок од 18:30 часот повторно дочекува градски ривал, екипата на Бутел.
Вардар гостуваше во Охрид во претходното коло и во дерби дуел победи со 27-23, а Бутел загуби дома од Еурофарм Пелистер 2 со пресврт во последните минути, иако скопјани имаа и предност од „плус 6“.
„Ги гледавме нивните натпревари, и особено овој последниот со Еурофарм Пелистер 2 што Бутел го загуби. Играа одлично во првиот дел. Според мене големо засилување за Бутел е враќањето на Томче Стојановски особено во одбраната. Игравме со Бутел и во регуларниот дел од сезоната, знам како беше тогаш иако двапати победивме. За нас е особено важно играњето во домашното првенство, и затоа на секој меч влегуваме со мотив и желба за триумф. Имаме неколку нови ракометари во пролетниот дел, но со секој меч се повеќе тие влегуваат во системот. Веќе 3-4 натпревари сме заедно, и играме се подобро. Овој меч ќе биде генерална проба пред СЕХА лигата со Партизан, но секако прво треба да одиграме добро со Бутел, па потоа да мислиме на следниот меч“, вели Мартин Карапалевски, средниот бек на Вардар.
Сезонава во меѓусебните дуели „црвено-црните“ двапати победија, во „Јане Сандански“ со 30-21, а на гости со 26-23.
По двете одиграни кола Вардар е лидер на табелата со 9 бодови, а Бутел е последен со само 1 бод.