Ракометарите на Тиквеш на гостувањето во Скопје кај Пролет ја запиша првата победа во плеј-оф фазата од Суперлигата, триумфираа со 29:24 во натпревар од 2. коло. Тиквеш во текот на сите 60 минути беше во водство и во ниту еден момент домашниот тим не успеа да го изедначи резултатот или да поведе.
На почетокот на дуелот, односно во првата минута црвен картон заработи членот на Пролет, Дејан Пецаковски. Искусниот ракометар при изведување на пенал го погоди во глава голманот на Тиквеш, Марјан Велков. Судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов покажаа црвен картон за Пецаковски, кој мораше дуелот да го проследи од трибините. Гостите од Кавадарци имаа старт како што можеа да посакуваат, поведоа со 3:0 во воведниот дел. Домаќините првиот гол го постигнаа дури во 5 минута за намалување на негативата на 3:1, но гостите бргу вратија за 4:1.
Како одминуваше времето Тиквеш градеше сигурна предност, разиграни беа крилните играчи Димовски и Кондев, Симиќ беше задолжен главно за асистенции, додека од бековските позиции Петровиќ и Хамзиќ беа реализаторски прецизни. Гостите кон средината на првото полувреме се одлепија на 8:4 и до крајот на првиот дел не ја испуштија предноста.
Домашниот тим во финишот влезе во поголема криза, ги зголеми грешките во нападот, немаше решение како да го запре налетот на гостите, кои во последните десет минути ја подобрија играта во нападот и одбраната и се одлепија на највисоките дотогаш ,,плус шест” 15:9. По 30 минути игра, резултатот беше 15:11 во корист за гостите од Кавадарци.
Во вториот дел во еден период дојде до мал пад во играта на Тиквеш и домашниот тим имаше краток налет за евентуален камбек. По десет минути игра во второто полувреме, водството на Тиквеш беше 20:17. Овие три гола разлика не беа гаранција за сигурна победа на гостите, бидејќи Пролет знаеше како да го искористи невниманието на Тиквеш и да казни со гол.
Откако Тиквеш имаше предност од 24:20, домаќините со два гола во низа успеаја да намалат на 24:22. Пролет во 53 минута имаше напад за минус еден гол негатива, но не успеа да реализира. Тиквеш со голот на Анастасовски зголеми на 25:22 и до крајот ја сочува предноста за првата победа во плеј-оф натпреварувањето. Во 59 минута црвен картон поради три исклучувања заработи кружниот напаѓач на Тиквеш, Кристијан Анастасовски.
Најефикасни во победничката екипа беа Мартин Димовски со шест и Кристијан Анастасовски и Дарко Кондев со по четири реализации. Кај Пролет се истакна Давор Палевски со шест гола.