Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер го промовираше најновото засилување. Во редовите на битолскиот тим пристигна повремениот репрезентативец на Србија и довчерашен член на белорускиот шампион Мешков Брест, Дарко Стевановиќ.
Станува збор за ракометар кој игра на позицијата лев бек и кој сигурно ќе биде од голема помош во тимот на Ларс Валтер. Тој потпиша договор на една и пол сезона и ќе остане во Битола, најмалку до летото 2024 година.
Претходно Еурофарм Пелистер на левата бековска позиција го ангажираше ракометарот од Данска, Каспер Кисум.
Стевановиќ својата кариера ја започна во Партизан, додека првиот интернационален предизвик го имаше во 2019 година кога се пресели во редовите на унгарскиот суперлигаш Балатонфуреди.
Во Унгарија беше дел и од тимот на Егер, клуб каде имаше голема минутажа. По одличните настапи во Унгарија направи трансфер во Катар и таму настапуваше за екипите на Ал Араби и Ал Вехда.
На почетокот на оваа сезона се врати во Европа и потпиша за Мешков Брест. Сепак, српскиот интернационалец нема да ја доигра сезоната во шампионот на Белорусија и ќе го засили тимот на Еурофарм Пелистер.