„Куманово е квалитетна екипа, треба да одиграме максимално“

Овој викенд ќе стартува 2. коло од плеј-аут фазата во Суперлигата. Ракометарите на Струга на свој терен силите ќе ги одмерат со тимот на Куманово.

Струга во првото коло во борбата за опстанок беше убедливо поразена на гостувањето во Скопје против истоимената екипа.

Еден од помладите во тимот на Струга, кружниот напаѓач Петар Маркоски, кој беше најефикасен во дуелот со Скопје, постигна девет погодоци, се надева на прва победа во борбата за опстанок, а за тимот на Куманово имаше пофални зборови.

,,Утре ни гостува екипата на Куманово, која е квалитетна екипа и во некои делови промената од првиот дел од сезоната, се засили со неколку играчи. Иако на двапати ги совладавме во регуларниот дел, во утрешниот натпревар ќе треба цврсто да одиграме во напад, максимално да бидеме концентрирани и грешките да ги сведеме на минимум за да се израдуваме на првата победа во плеј-аут фазата заедно со нашата публика, нашиот осми играч. Против Скопје лошо го отворивме мечот, од почетокот бркавме два до три негатива, но успеавме некако да парираме во првото полувреме. Во вториот дел, нашата одбрана немаше решение за играта на домаќинот”, изјави Маркоски.

Натпреварот меѓу Струга и Куманово се игра во сабота, 18 февруари, со почеток од 16:00 часот, во спортската сала „Нико Нестор“.