По стартната убедлива победа над Пролет, ракометарите на Вардар ги очекува незгодно гостување кај Охрид.
Тренерот Владо Недановски вели дека станува збор за амбициозна екипа и дека Вардар никогаш не минувал лесно на гостувањата покрај езерото.
Охриѓани најавуваат полна сала за мечот, а ќе бидат присутни и навивачите „Рибари“.
„Ние сакаме да играме пред полни сали, тоа не е добро за натпреварите и за екипите, туку и за македонскиот ракомет воопшто. Охрид е добра екипа, се гледа тоа и по позицијата на таблата. Во првата полусезона бевме во иста група, одигравме два меча, во Охрид беше тежок натпреварот, а Вардар никогаш не поминал лесно таму. Мислам дека одбраната ќе решава за победникот. Се работи за амбициозна екипа, знае како да го искористи домашниот терен пред својата публика, а сега ќе бидат присутни и „Рибари“. Ние имаме некои ситни повреди, но се надевам дека ќе одиме комплетни во Охрид“, вели Недановски.
Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:30 часот.