„Ако сакаме победа во Битола, мора да одиграме одлично во одбраната“

Екипата на Агуаш Санташ денес во рамки од 8. коло од Лига на Европа ќе се сретне со македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер и ќе се обиде со победа да ги задржи шансите за пласман во осминафиналето.

Португалскиот тим на првиот дуел против Еурофарм Пелистер беше поразен со два гола разлика, 29:27, но во претходното коло против Бидасоа Ирун направи изненадување, триумфираше со 28:25 и покажа дека знае да се бори против поквалитетни екипи.

Тренерот на Агуаш Санташ, Рикардо Мореира истакна дека битолскиот тим поседува квалитет, но се надева дека неговите избраници ќе можат да дојдат до второто изненадување во Лига на Европа.

„Откако постигнавме историска победа против тимот на Бидасоа Ирун, патуваме во  Македонија со истата желба, која сме ја имале пред секој натпревар од Лига на Европа. Еурофарм Пелистер е тим со талентирани играчи, играчи кои имаат индивидуална вредност и станува збор за клуб кој е добро организиран. За да победиме на овој натпревар, ќе мора да одиграме комплетно фокусиран ракомет, да се одбраниме добро, бидејќи ќе се соочиме со одлична екипа“, изјави Мореира.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Агуаш Санташ се игра денес во салата „Боро Чурлевски“ од 20:45 часот.